1. Европскиот совет

Европскиот совет е наследник на самитот на шефови на држави и на влади од државите-членки на Заедницата. Првиот Европски самит беше одржан во Париз во 1961 година. Подоцна, ваквите самити се одржуваа во редовни интервали, а станаа позачестени по 1969 година.

На Европскиот самит во Париз, одржан во февруари 1974 година, беше одлучено во иднина ваквите состаноци на шефовите на држави и на влади од државите-членки на Заедницата да се одржуваат во редовни интервали под името Европски совет, со цел да овозможат сеопфатен приод кон проблемите поврзани со европската интеграција и да гарантираат дека активностите на Заедницата се соодветно координирани. Со Лисабонскиот договор, Европскиот совет официјално стана една од институциите на Европската унија.

Европскиот совет е највисоката политичка институција на ЕУ. Него го сочинуваат шефови на држави и на влади, односно претседатели и/или премиери, од сите држави-членки на ЕУ, плус Претседателот на Европската комисија. Тој обично се состанува четири пати годишно во Брисел. Советот има постојан Претседател, чијашто должност е да ја координира и да гарантира континуитет во работата на Европскиот совет. Постојаниот Претседател се избира (преку гласање со квалификувано мнозинство) за период од две и пол години, со право на еден реизбор. Од 1 декември 2009 година, оваа позиција ја извршува поранешниот белгиски премиер, Херман Ван Ромпуј.

Европскиот совет ги утврдува целите на ЕУ и го поставува курсот за нивно остварување. Тој ја дава движечката сила за главните иницијативи за политиките на ЕУ и донесува одлуки за тешки прашања за коишто Советот на Министри не успеал да постигне договор. Исто така, Европскиот совет се занимава со тековните меѓународни проблеми преку „заедничката надворешна и безбедносна политика“, којашто е механизам за координација на надворешните политики на државите-членки на ЕУ. Иако е влијателен во утврдувањето на политичката агенда на ЕУ, Европскиот совет нема овластувања за донесување на закони (односно, тој нема формална законодавна моќ). Во најголем дел од случаите, одлуките на Европскиот совет се донесуваат со консензус. Во некои случаи, одуките се донесуваат едногласно или со квалификувано мнозинство, во зависност од она што е пропишано со Договорите.

 

  1. Совет на ЕУ

Советот (исто така познат како Совет на Министри) го сочинуваат министрите од националните влади во ЕУ. Државите-членки се менуваат на позицијата Претседавач со Советот на секои шест месеци. На секој состанок на Советот учествува по еден министер од сите држави-членки на ЕУ. Ресорниот министер кој учествува на состанокот зависи од темата која е на дневниот ред: надворешни работи, земјоделство, индустрија, транспорт, животна средина, итн. Комитетот на постојани претставници на државите-членки (КОРЕПЕР) ја подготвува работата на Советот и ги извршува задачите што му ги доделува Советот.

Главната работа на Советот е да го усвојува законодавството на ЕУ. Обично, тој ја дели оваа одговорност со Европскиот парламент. Советот и Парламентот, исто така, ја делат одговорноста за донесување на буџетот на ЕУ. Дополнително на тоа, Советот ги потпишува меѓународните договори за коишто Комисијата ги водела преговорите. Советот, одлучувајќи со квалификувано мнозинство, ги именува членовите на Судот на ревизори, Економскиот и социјалниот комитет и Комитетот на регионите.

Според Лисабонскиот договор, Советот своите одлуките ги донесува со едноставно мнозинство, „квалификувано мнозинство“ или едногласно, во зависност од предметот за кој се одлучува. Советот треба да донесе едногласна одлука за важни прашања како што се оданочувањето, измените и дополнувањата на Договорите, иницирање на нова заедничка политика или членство на нова земја во Унијата. Во поголемиот дел од другите случаи, одлуките се донесуваат со квалификувано мнозинство. Ова значи дека една одлука на Советот се смета за донесена доколку истата добила конкретен минимум број на гласови.

Бројот на гласови доделени на секоја држава-членка во голема мера ја одразува големината на нејзиното население. До 1 ноември 2014 година, под претпоставка дека ЕУ сè уште ќе ја сочинуваат 27 држави-членки, една одлука се смета за усвоена доколку:

  • добила најмалку 255 од вкупно 347 гласови (што претставува 73,91 %);
  • е одобрена од мнозинството држави-членки, односно најмалку од 14 држави-членки;
  • државите-членки што ја поддржуваат одлуката претставуваат најмалку 62 % од вкупното население во ЕУ.

Според Лисабонскиот договор, од 1 ноември 2014 година овој систем се поедноставува. Лисабонскиот договор целосно го укинува системот на тежински вреднувани гласови и го воведува едноставното правило на двојно мнозинство (55% од државите-членки претставени во Советот што претставува најмалку 15 држави-членки и најмалку 65% од вкупното население во Унијата). Овој нов систем стапува во сила на 1 ноември 2014 година.

Генерално, Советот се обидува да постигне едногласност дури и во случаи кога нема потреба од едногласност за одлуката да биде донесена. Ваквата практика датира од Луксембуршкиот компромис во 1966 година, кој стави крај на спорот меѓу Франција и другите држави-членки откако Франција одби префрлување од едногласност кон гласање со квалификувано мнозинство (QMV) за одредени области и потоа одби да учествува во Советот во период од шест месеци.

 

  1. Европски парламент

Европскиот парламент е избрано тело кое ги претставува граѓаните на ЕУ. Тој ги надгледува активностите на ЕУ и заедно со Советот го донесува законодавството на ЕУ. Од 1979 година, членовите на Европскиот парламент се избираат на директни избори, преку универзалното право на глас, и тоа на секои пет години. По последните избори за Европскиот парламент одржани во јуни 2009 година, поранешниот премиер на Полска, Јержи Бузек (од Европската народна партија) беше избран за Претседател на Европскиот парламент за период од две и пол години. На позицијата го наследи Мартин Шулц за втората половина од мандатот (од Партијата на европските социјалисти).

Парламентот ги одржува своите главни дебати на таканаречните месечни собири (познати како пленарни сесии), на кои, по правило, учествуваат сите парламентарци. Овие пленарни сесии обично се одржуваат во Стразбур, додека сите дополнителни сесии се одржуваат во Брисел. Подготвителната работа за сесиите, исто така, се одвива во Брисел: „конференцијата на претседатели“, односно претседавачите на политичките групи, заедно со Претседателот на Парламентот, ја утврдуваат агендата за пленарните сесиите, додека 20-те парламентарни комитети ги подготвуваат нацртите на законодавните амандмани коишто треба да бидат предмет на дебата во Парламентот. Секојдневната административна работа на Парламентот ја извршува Генералниот секретаријат, со седиште во Луксембург и во Брисел. Секоја политичка група има сопствен секретаријат.

Бројот на пратеници во Европскиот парламент од секоја држава-членка во голема мера соодветствува на големината на нејзиното население. Ниту една држава не може да има помалку од 6 и повеќе од 96 пратеници. Пратениците се групирани според нивната политичка припадност, а не според нивната националност. По изборите од оваа година, бројот на пратеници во Европскиот парламент по држави-членки ќе изгледа вака: Белгија – 21; Бугарија – 17; Република Чешка – 21; Данска – 13; Германија – 96; Естонија – 6; Ирска – 11; Грција – 21; Шпанија – 54; Франција – 74; Италија – 73; Кипар – 6; Латвија – 8; Литванија – 11; Луксембург – 6; Унгарија – 21; Малта – 6; Холандија – 26; Австрија – 18; Полска – 51; Португалија – 21; Романија – 32; Словенија – 8; Словачка – 13; Финска – 13; Хрватска – 11; Шведска – 20; Обединетото Кралство – 73, или вкупно 751.

Парламентот учествува во законодавната работа на ЕУ преку постапката за „со-одлучување“, што претставува вообичаена законодавна постапка. Парламентот ја споделува одговорноста со Советот за донесување законодавство во сите области на политики за коишто е потребно „квалификувано мнозинство“ во рамките на Советот. Од влегувањето во сила на Лисабонскиот договор, овие области сочинуваат околу 95% од законодавството на ЕУ. Советот и Парламентот можат да постигнат договор уште по првото читање на некој законодавен предлог. Доколку тие не можат да согласат и по двете читања, предлогот се изнесува пред комитет за помирување.

Преку постапката за „согласност“, Парламентот мора да ги ратификува меѓународните договори на ЕУ (за кои преговара Комисијата), вклучително и сите нови договори за проширување на Европската унија.

Европскиот парламент, заедно со Советот, ја дели одговорноста за донесување на буџетот на ЕУ (кој го предлага Европската комисија). Парламентот може да го отфрли предложениот буџет, и тоа веќе го има сторено во неколку наврати. Кога Парламентот ќе го отфрли предлог-буџетот, целата буџетска постапка почнува одново. Преку своите буџетски овластувања, Парламентот има значително влијание врз креирањето на политиките на ниво на ЕУ.

На крај, но не помалку важно, Европскиот парламент има надлежности за демократска контрола врз Унија, и посебно врз Европската комисија. На секои пет години, кога треба да се именува нова Комисија, новоизбраниот состав на Европскиот парламент може – преку гласање со едноставно мнозинство – да го одобри или да го одбие кандидатот предложен од Европскиот совет за позицијата Претседател на Европската комисија. Јасно е дека ваквото гласање ги одразува резултатите на последните избори за Европскиот парламент. Исто така, Парламентот ги интервјуира сите предложени членови на Комисијата пред да гласа дали ќе го одобри новиот состав на Комисијата во целина. Во секое време, Парламентот може да ја распушти Комисијата преку поднесување иницијатива за гласање недоверба. За тоа е потребно дво-третинско мнозинство. Парламентот врши надзор врз секојдневното управување со политиките на ЕУ, и тоа преку поставување усни и пишани прашања до Комисијата и до Советот.

 

  1. Европска комисија

Комисијата е клучната институција на ЕУ. Само таа има право да изготвува предлози за ново законодавство на ЕУ, коишто ги проследува до Советот и до Парламентот за дискусија и усвојување. Членовите на Комисијата се именуваат за период од пет години преку договор постигнат меѓу државите-членки, а составот на Комисијата е предмет на одобрување од страна на Европскиот парламент. Комисијата е одговорна пред Парламентот, и целиот состав на Комисијата мора да даде оставка доколку Парламентот поднесе иницијатива за гласање недоверба.

Комисијата ја сочинуваат членови (Комесари), по еден од секоја држава-членка на ЕУ, вклучувајќи го и Претседателот на Комисијата и Високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика, кој воедно е и еден од потпретседателите на Комисијата. На 9 февруари 2010 година, Европскиот парламент гласаше за одобрување на новиот состав на Комисијата. Поранешниот премиер на Португалија, Жозе Мануел Баросо, по втор пат беше именуван за Претседател на Комисијата со мандат од пет години.

Комисијата ужива голем степен на независност во извршување на нејзините овластувања. Нејзината работа е да ги промовира заедничките интереси, што значи дека таа не смее да работи според инструкциите дадени од која било национална влада. Во својство на „Чувар на Договорите“, Комисијата треба да гарантира дека државите-членки ги спроведуваат регулативите и директивите што ги донесуваат Советот и Парламентот. Доколку тоа не е случај, Комисијата може да ја изнесе соодветната страна пред Судот на правдата и да ја принуди на сообразност со правото на ЕУ.

Во својство на извршна власт на ЕУ, Комисијата ги спроведува одлуките на Советот донесени во области како што е заедничката земјоделска политика. Таа има широки овластувања да управува со заедничките политики на ЕУ, како што се истражување и технологија, прекуокеанска помош и регионален развој. Исто така, Комисијата управува и со буџетот за овие политики.

На Комисијата и помага јавна служба, која е базирана во Брисел и во Луксембург, и е поделена во 43 одделенија и служби. Постојат и одреден број на агенции, воспоставени за извршување конкретни задачи во име на Комисијата и лоцирани во други европски градови.

 

  1. Суд на правдата на Европската унија

Судот на правдата на Европската унија, со седиште во Луксембург, го сочинуваат по еден судија од секоја држава-членка на ЕУ, на кои им помагаат девет генерални адвокати чијашто работа е да поднесуваат мислења за предметите изнесени пред Судот. Тие се именуваат на заеднички договор постигнат меѓу владите на државите-членки со мандат од шест години, кој може да биде обновен. Независноста на генералните адвокати е загарантирана. Улогата на Судот е да гарантира почитување на правото на ЕУ, како и коректно толкување и примена на Договорите.

Судот одлучува на пленарни сесии, како голем судски совет сочинет од 13 судии, или во судски совети од три или пет судии. Пленарните сесии денес се многу ретки, и Судот главно одлучува преку судски совети од три или пет судии. За секој предмет изнесен пред Судот се задолжува по еден судија и еден генерален адвокат. Предметите изнесени пред Судот се решаваат во две фази: пишана фаза и усна фаза. Прво, сите вклучени страни поднесуваат пишана изјава до судијата кому му е доделен предметот. Втората фаза подразбира јавно сослушување на кое правните застапници на двете страни го изложуваат својот став пред судиите и пред генералниот адвокат, кои потоа можат да ги испитуваат. Пресудите на Судот главно се во форма на одлуки и истите се читаат за време на јавните сослушување.

Предметите изнесени пред Судот може да имаат една од следниве три форми:

  1. барање од националните судови за „прелиминарна одлука“ за делови од правото на ЕУ;
  2. акции поднесени директно пред Судот од страна на други институции, држави-членки, физички или правни лица;
  3. жалби против одлуки на Првостепениот суд, кој претставува „суд од понизок степен“ при Судот на правдата на ЕУ.

Првостепениот суд почна да работи во 1989 година. Тој е основан како одговор на растечкиот број на предмети изнесени пред Судот на правдата. Него го сочинуваат по еден судија од сите држави-членки, именувани за период од шест години со можност за реизбор. Сите судии се независни од своите национални влади. Првостепениот суд има потесна надлежност од Судот на правдата.

 

  1. Европска централна банка

Европската централна банка (ЕЦБ) е централната институција на Економската и монетарната унија. Европската централна банка е лоцирана во Франкфурт и е одговорна за управување со еврото и со монетарната политика на ЕУ. Нејзината главна задача е да ја одржува ценовната стабилност во еврозоната. Освен тоа, таа има ексклузивно право да одобрува печатење и пуштање во оптек на нови банкноти (евра). Државите-членки можат да издаваат метални пари (евра), но нивниот износ претходно мора да биде одобрен од страна на ЕЦБ. Со Лисабонскиот договор, Централната банка доби статус на институција на ЕУ.

Еден од главните и најважните принципи е целосната независност на ЕЦБ, кој мора да го почитуваат сите институции на ЕУ и сите влади. Кога ги извршуваат надлежностите, како и задачите и должностите што им се доверени со Договорите и со Статутот, ЕЦБ и националните централни банки, како и членовите на нивните тела за донесување одлуки не смеат да бараат или да следат инструкции дадени од институциите, телата, службите или агенциите на Унијата, или пак од владите на државите-членки или од некое друго тело.

ЕЦБ, заедно со националните банки на сите држави-членки на ЕУ, го формира Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ). ЕСЦБ, заедно со националните централни банки на државите-членки чијашто валута е еврото, го сочинуваат евросистемот. Телата за донесување одлуки на ЕЦБ се Управувачкиот совет, Извршниот одбор и Генералниот совет. Извршниот одбор е главното тело на ЕЦБ, одговорно за спроведување на монетарната политика. Него го сочинуваат претседателот на Банката (во моментов тоа е Марио Драги), заменик претседателот и четири други членови. Тие се именувани од редот на лица со признат углед и професионално искуство во монетарни или банкарски работи, преку заеднички договор на членките од еврозоната, и имаат осумгодишен мандат, без право на резибор. Претседателот на Европската централна банка може да биде поканет да учествува на состаноците на Советот кога тој дискутира за прашања поврзани со целите и задачите на ЕСЦБ.

 

  1. Европски суд на ревизори

Европскиот суд на ревизори, со седиште во Луксембург, е основан во 1975 година. Тој има по еден член од сите држави-членки на ЕУ, именувани за период од шест години, со можност за реизбор, и тоа преку договор постигнат меѓу државите-членки по спроведени консултации со Европскиот парламент. Од своите редови членовите избираат Претседател со мандат од три години и можност за реизбор. Во Јануари 2008 година, Витор Мануел де Силва Калдериа од Португалија беше избран за Претседател на Судот на ревизори. И покрај неговото име, Судот нема судски функции. Напротив, тој претставува професионална агенција за надворешна истражна ревизија. Сите членови на Судот имаат големо искуство со контрола врз јавните средства во нивните соодветни земји.

Судот врши контрола врз сите приходи и сите расходи на Европската унија настанати по законски и редовен пат и се грижи за солидното управување со буџетот на ЕУ. Во таа улога, Судот треба да остане независен, но сепак да одржува контакти со другите институции. Клучната улога на Судот е да доставува годишен извештај за претходната финансиска година до Европскиот парламент и до Советот. Парламентот детално го разгледува извештајот на Судот пред да одлучи дали да ги одобри финансиските извештаи на Комисијата за извршувањето на буџетот за предметната година. Освен годишниот извештај за извршувањето на буџетот, Судот објавува специјални извештаи и мислења кои се усвојуваат со мнозинство гласови од вкупниот број на членови во Судот.

 

adminИнституции на ЕУ и начин на донесување на одлуки
Европскиот совет Европскиот совет е наследник на самитот на шефови на држави и на влади од државите-членки на Заедницата. Првиот Европски самит беше одржан во Париз во 1961 година. Подоцна, ваквите самити се одржуваа во редовни интервали, а станаа позачестени по 1969 година. На Европскиот самит во Париз, одржан...