Иако не е програмa наменета за цртање, PowerPoint овозможува внесување едноставни цртежи во слајдовите. За таа намена можете да ги користите разните шаблони, кои ќе ги најдете во менито Insert, со избирање на опцијата Shapes (форми).

PowerPoint2007-60_fix

Без разлика за кој објект станува збор, сите тие се цртаат на истиот принцип. Изберете ја формата што треба да ја нацртате. Наместете го покажувачот на глувчето на почетната позиција и држејќи го притиснато левото копче на глувчето, влечете кон местото каде што сакате да завршува објектот. Откога ќе завршите со исцртување на објектот, пуштете го копчето.

PowerPoint2007-61_fix

Пред да ги менувате објектите во однос на слајдот, во која било смисла, потребно е да ги селектирате.

Откако ќе нацртате одреден објект на слајдот, во него може да испишете текст. Но, не врз објектот, туку во објектот, што значи дека кога ќе го придвижите објектот, ќе биде придвижен и текстот. За да внесете текст, кликнете на објектот, а потоа едноставно впишете го текстот.

PowerPoint2007-62_fix

Кога на слајд ќе вметнете повеќе објекти, тие можат да се преклопат. Селектирајте го објектот што треба да се премести, а потоа изберете ја опцијата Arrange (уредување) од делот Drawing во менито Home. Ќе ви се отвори мени со опции за уредување на местоположбата на објектите.

PowerPoint2007-63

Во ова мени понудени ви се опциите Bring to front (објектот се преместува најнапред), Send to back (објектот се преместува најназад), Bring Forward (се преместува за едно ниво понапред), Send Backward (се преместува за едно ниво поназад).

Повеќе објекти може да пренесувате како група. Групирањето на објектите може да го направите така што ќе ги селектирате објектите што треба да се групираат (еден по еден, држејќи Ctrl од тастатурата), а потоа ќе ја изберете опцијата Arrange од јазичето Home. Потоа изберете Group (групирање) и вашите објекти се групирани.

PowerPoint2007-64

За обратната операција, селектирајте ја групата објекти и изберете Ungroup.

PowerPoint2007-65

За повторно групирање на претходно групирани објекти се користи опцијата Regroup.

PowerPoint2007-66

Овие опции се достапни и од краткото мени што се повикува кога ќе се кликне со десното копче на глувчето врз некој објект.

PowerPoint2007-67_fix

За да избришете одреден објект, треба да го селектирате и да го притиснете копчето Delete. Исто така, одредени објекти можете да ги копирате и да ги преместувате откако ќе ги селектирате. Извршувајќи копирање (copy) или преместување (cut) на објектот, него го сместувате во Clipboard, по што можете да го залепите (paste) неограничен број пати .

Објектите може да се пренесуваат и во документ од некоја друга Windows апликација (како Word).

Исто така, даден објект може да се ротира околу неговата средишна точка. За да го ротирате објектот, треба да го селектирате објектот, а потоа да кликнете на кружната, зелена рачка, која се појавува на неговиот горен дел и да ја повлечете додека не го донесете објектот во посакуваната позиција.

PowerPoint2007-68_fix

Дополнително, во групата опции во делот Arrange, можете да ја изберете опцијата Rotate, која ви нуди дополнителни начини на ротирање на објектите. Објектите може да ги ротирате за 90 степени, како и да ги превртите (како во огледало) околу нивната хоризонтална или вертикална оска.

PowerPoint2007-69

За да извршите промена на димензиите на даден објект, треба да го селектирате, со што ќе се појави рамка околу објектот, а потоа димензионирањето го вршите со повлекување на точките и квадратчињата во посакуваниот правец. Доколку повлечете некоја од точките што се наоѓаат на ќошевите, објектот се зголемува или се намалува пропорционално, и по висина и по должина. Доколку пак, повлечете некое квадратче кое се наоѓа на средината од некој раб, објектот се зголемува или се намалува само по висина или по должина.

PowerPoint2007-70_fix

Доколку, пак, сакате да ја промените бојата на нацртаниот објект, најпрвин селектирајте го, а потоа со десен клик изберете Format Shape, со што ќе ви се отвори интерактивен прозорец.

PowerPoint2007-71

Тука, во делот Fill ви се понудени следните опции: No Fill (не го бои објектот), Solid Fill (се избира една од понудените бои), Gradient Fill (објектот се бои со две или со повеќе бои кои постепено преминуваат од една во друга), Picture or texture fill (објектот се пополнува со слика или текстура), Slide background fill (пополнување на објектот така што тој ќе биде идентичен со заднината). Откога ќе го направите изборот, кликнете на копчето Close и промените ќе бидат применети.

Покрај тоа што на една слика може да ù се променат димензиите, од неа може и да се отсече само оној дел што ни е потребен. Пред сè, потребно е да ја селектирате сликата. Кога ќе кликнете двапати врз неа, се отвора делот за обработка на внесените слики.

PowerPoint2007-72_fix

Од делот Size (големина) одберете ја опцијата Crop. Околу сликата се појавува рамка од испрекинати линии. Со притиснатото лево копче на глувчето, движете се врз тие линии во саканата насока за да одредите кој дел од сликата сакате да остане. Со отпуштање на глувчето, отсечените делови ги снемува.

Понатаму, за да нацртате рамка околу даден објект, треба да го селектирате објектот, а потоа со десен клик од менито да изберете Format picture или Format shape, соодветно. Интерактивниот прозорец кој се отвора притоа ви овозможува промена на бојата на линијата (Line Color)

PowerPoint2007-73

и промена на типот на линијата (Line Style).

PowerPoint2007-74

Ако линијата треба да биде испрекината, ваквиот стил се бара во листата Dash type. Откако ќе завршите, со притискање на копчето Close се појавува рамката околу објектот.

За да додадете сенка на одреден објект/слика, селектирајте го објектот, а потоа од менито што се отвора со десен клик врз него/неа, изберете ја опцијата Format Shape/Format picture. Од интерактивниот прозорец, кој притоа се отвора, изберете Shadow.

PowerPoint2007-75

Видот сенка изберете го од менито Presets. Доколку подоцна сакате да ја тргнете сенката од даден објект, се постапува на истиот начин, но овојпат од менито изберете No shadow.

3Д ефектите на објектот му даваат тродимензионален изглед. За да го употребите овој ефект, првин селектирајте го објектот, а потоа од менито што се отвора со десен клик изберете Format picture/Format Shape. Oд делот 3D Format се избира типот на ефектот што сакате да го примените, додека во 3D Rotation го избирате аголот на ефектот.

PowerPoint2007-76

PowerPoint2007-77

PowerPoint2007-78

Исто така, од даден објект може да се ископираат рамката, бојата или сенката и да се нанесат на некој друг објект. Секако, најпрвин треба да го селектирате објектот од кој ќе копирате. Потоа од јазичето Home одберете Format Painter. На крај, селектирајте го објектот на кој треба да ги пренесете својствата.

Како дополнителни графички објекти може да ги употребите SmartArt објектите, кои се наоѓаат во менито Insert, во делот Illustrations.

PowerPoint2007-79

SmartArt објектите овозможуваат сликовито претставување на одредени податоци како објекти и нивните меѓузависности. Има седум категории SmartArt дијаграми:

1.       Листа (List) – ги претставува текстуалните податоци во облик на набројана листа. Листата може да има повеќе нивоа, каде што секое ниво може да биде вклопено во одреден облик.

2.       Процес (Process) – сличен на листата, но кај овој тип дијаграм се користат стрелки за поврзување на редоследот на елементите од дијаграмот.

3.       Циклус (Cycle) – со овој дијаграм се претставува процес кој се повторува и не може да му се одреди почетокот или крајот.

4.       Хиерархија (Hierarchy) – ги опишува релациите меѓу објекти, пример кој на кого е претпоставен во една компанија.

5.       Релации (Relationship) – најпрост вид релационен дијаграм е Венов дијаграм. Tие илустрираат како деловите се поврзани во целина.

6.       Матрица (Мatrix) – се користи за да се нагласи дека одредена група делови формира целина, но не ги покажува односите меѓу деловите.

7.       Пирамида (Pyramid) – Триаголник со текст на различни нивоа.

PowerPoint2007-80

Други мошне корисни графички објекти се графиконите (Charts). Тие се мошне едноставни за цртање, а до нив доаѓате преку јазичето Insert->Chart.

PowerPoint2007-81

Откако ќе кликнете на оваа опција, ви се отвори прозорец во кој може да го изберете видот на графиконот, кој може да биде во облик на цилиндар, линија, пита итн.

PowerPoint2007-82

Откако ќе го изберете видот и ќе го внесете графиконот во слајдот, се појавуваат дополнителни полиња каде што треба да ги замените дадените податоци со ваши, врз основа на кој ќе се дефинира графиконот.  

Goce ArsovskiРабота со PowerPoint 2007
Иако не е програмa наменета за цртање, PowerPoint овозможува внесување едноставни цртежи во слајдовите. За таа намена можете да ги користите разните шаблони, кои ќе ги најдете во менито Insert, со избирање на опцијата Shapes (форми). Без разлика за кој објект станува збор, сите тие се цртаат на истиот принцип....