Комуникациска цел или зошто комуницираме

Пред да започнеме да комуницираме, треба да знаеме што сакаме да постигнеме. Дали сакаме да ги информираме граѓаните, дали сакаме да ги едуцираме, дали очекуваме промена во однесувањето на граѓаните или советот на општината, дали нè интересира ставот и мислењето на граѓаните, дали очекуваме поддршка од граѓаните, дали сакаме поддршка од советот или само сакаме да се пофалиме со добрата работа.

Комуникациските цели внимателно треба да ги дефинираме. Тие се првиот и можеби најважен чекор во реализацијата на комуникациските планови. Најважно од сè е дека комуникациските цели не се деловните/програмските цели на Комисијата, но секогаш треба да бидат во согласност со деловните/програмските цели.

Комуникациската цел е темелот врз кој ги планираме комуникациите, односно односите со јавноста. Од целта зависи со кои јавности или групи граѓани треба да комуницираме, кои начини на комуникација можеме да ги користиме, каков јазик и пораки ќе користиме и кога треба да го направиме тоа.

Кога зборуваме за добро дефинирани комуникациски цели во односите со јавноста, мислиме на т.н. СМАРТ (SMART) цели. Кратенката СМАРТ доаѓа од англиските зборови кои ги опишуваат карактеристиките на целта:

S (specific) – со специфични карактеристики, квалитативно и квантитативно определени,

M (measurable) – мерливи според однапред определени критериуми

A (attained) – реално можни и остварливи,

R (relevant) – значајни, и за Комисијата, и за целните јавности,

T (timeframe) – можат да се реализираат во реален временски период.

Значи, комуникациската цел мора да даде очекуван специфичен резултат (зголемување на познавањето/информираноста, промена на мислењето и ставовите, усвојување определено однесување и др.), треба јасно да се обраќа до една или до повеќе целни јавности, да биде мерлива, да се однесува, т.е. да ја надополнува крајната деловна/програмска цел и да може да се оствари во временската рамка на процесот на комуницирање.

Пример: Усвојување Програма за приближување на децата од различни етнички заедници

Поради зачестената појава на тепачки меѓи групи од различни етнички заедници, на спортски натпревари и во училиштата во општината, Комисијата за односи меѓу заедниците сака општината да подготви и усвои Програма за приближување на децата од различни етнички заедници.

Во овој случај, подготовката и усвојувањето на Програмата од страна на Советот на општината е деловна/програмска цел на комисијата..

Комуникациската цел ќе биде информирање на 100 отсто од членовите на Советот, како и информирање на градоначалникот.

Самото дефинирање на комуникациската цел веќе ни ја дава главната целна јавност – Советот на општината. Целта е важна, и за општината, и за целната јавност, а бројката од 100 отсто информирани советници е реална и остварлива.

Комуникациската цел треба да ја отсликува суштината на она што сакаме да го постигнеме: да оствари разбирање, да го надмине неразбирањето или апатијата, да ги поттикне граѓаните да се вклучат во процесот на креирање на општинските политики, да оствари свесност, да информира, да го развие знаењето, да ги отстрани предрасудите, да го охрабри (поддржи) верувањето, да ја потврди или промени претставата за определено прашање, да предизвика специфично однесување…

http://akcija.mk/wp-content/uploads/2015/04/1.pnghttp://akcija.mk/wp-content/uploads/2015/04/1-300x300.pngadminОдноси со јавноста
Комуникациска цел или зошто комуницираме Пред да започнеме да комуницираме, треба да знаеме што сакаме да постигнеме. Дали сакаме да ги информираме граѓаните, дали сакаме да ги едуцираме, дали очекуваме промена во однесувањето на граѓаните или советот на општината, дали нè интересира ставот и мислењето на граѓаните, дали...