Односи со јавноста – Поим и потреба
Односите со јавноста се суштински елемент во управувањето на секоја отворена и отчетна локална власт. Постојаната двонасочна комуникација со општинските совети, граѓаните, бизнис-заедницата, медиумите, невладините организации и другите засегнати јавности, истовремено претставува и обврска и предизвик за секој член од Комисијата за односи меѓу заедниците. Само онаа општина која навремено, секојдневно, вистинито и отворено ги информира граѓаните за својата работа, може да очекува нивна доверба, поддршка, но и нивно активно учество во процесот на креирање политики и донесување одлуки.Постојат бројни дефиниции за односите со јавноста. Познатиот експерт за маркетинг, Филип Котлер смета дека односите со јавноста се создавање позитивен имиџ на компанијата како добар „корпоративен“ граѓанин и настапување против гласиштата и приказните кои одвреме-навреме се појавуваат. Според Британскиот институт за односи со јавноста, пак, односите со јавноста претставуваат смислено, планирано и постојано настојување да се воспостави и да се одржува меѓусебно разбирање меѓу организацијата и нејзиното опкружување.Без разлика колкумина теоретичари и практичари на односите со јавноста ќе консултираме, сите ќе бидат едногласни во констатацијата дека „односите со јавноста се планирана, осмислена, професионално стандардизирана двонасочна комуникација на една организација со нејзините внатрешни и надворешни јавности, за да се развијат позитивни релации меѓу организацијата и јавностите, а во функција на остварување на целите на организацијата“.Едновремено, тие ќе се согласат и со тоа дека градењето и управувањето со репутацијата на една организација претставува суштина на односите со јавноста. Секоја организација, компанија или институција сака да изгради позитивна репутација, односно добро мислење за себе во јавноста. Притоа треба да знаеме дека позитивната репутација не се гради преку ноќ, туку таа е долготраен и одговорен процес на создавање мислење или став за некоја организација заснован најмногу врз нејзиното однесување. За една Комисија за односи меѓу заедниците да има добра репутација, не е доволно само членовите дa ветат дека ќе бидат чесни и одговорни. Ветувања треба да се спроведат во практика и на најсоодветен начин да се искомуницираат со јавноста, односно со граѓаните.Односите со јавноста претставуваат управувачка функција, која помага во реализацијата на целите, дефинирањето на филозофијата на работење и поттикнувањето на промените во една организација. Лицата што ги практикуваат односите со јавноста не се само гласноговорници. Според World Assembly of Public Relation Associates, односите со јавноста се „уметност и наука за познавање и анализа на општествените трендови. На раководството на организацијата, пак, му нудат советување и спроведување на планираните настани кои ù користат на организацијата, но се корисни и за јавностите“. Затоа луѓето што ги практикуваат односите со јавноста треба да имаат: добро образование,  одлично познавање на општествениот контекст, аналитички способности, вештини за лесна и убедлива комуникација со луѓето, чувство за хумор, способност да бидат уверливи и објективни, способност брзо да примаат информации и да почитуваат рокови.

Односите со јавноста полека го заземаат своето место во секојдневната општинска практика, понекогаш како тренд, а сè повеќе како потреба. Секоја општина, а тука ги вбројуваме и Комисиите за односи меѓу заедниците, без разлика дали е голема или мала, мора да направи анализа во која форма и како ќе ги употребува односите со јавноста. Локалните власти допрва треба да научат како да ги искористат сите начини и канали за комуникација. Односите со јавноста и комуницирањето не треба да бидат цел сама за себе, туку начин за успешно креирање и спроведување на локалните политики.

Односите со јавноста се можност Комисијата за односи меѓу заедниците да се претстави пред јавноста, да ги анимира граѓаните, да ги вклучи во процесот на креирање на општинските политики и да воспостави функционален граѓански сервис. Едновремено, односите со јавноста се единствениот ефикасен начин граѓаните да имаат увид во тоа дали комисиите работат во интерес на јавноста.

http://akcija.mk/wp-content/uploads/2015/04/odnosi_so_javnosta.pnghttp://akcija.mk/wp-content/uploads/2015/04/odnosi_so_javnosta-300x300.pngadminОдноси со јавноста
Односи со јавноста - Поим и потреба Односите со јавноста се суштински елемент во управувањето на секоја отворена и отчетна локална власт. Постојаната двонасочна комуникација со општинските совети, граѓаните, бизнис-заедницата, медиумите, невладините организации и другите засегнати јавности, истовремено претставува и обврска и предизвик за секој член од Комисијата...