Доколку се подготвувате за важна презентација, која треба да биде добра, необична и да остави впечаток, тогаш треба добро да смислите како визуелно ќе го прикажете она што сакате да ѝ го пренесете на публиката. Дополнително, треба да бидете добро подготвени за самото презентирање, од изгледот, до држењето на телото и начинот на говорењето.

prezenteri

Во креирањето и презентирањето на вашата Power Point презентација пред публиката, неколку работи може да ви бидат од помош.

Визуелна подготовка на презентацијата

Најпрвин, за дизајнот на презентацијата да биде поатрактивен и поефикасен, потребно е да не ги преоптоварувате вашите слајдови со премногу податоци. Најдобро е вашата идеја да ја претставите со помалку на број, но поефективни слајдови. Во слајдовите избегнете го текстот, бидејќи понекогаш е доволно да се употреби слика која ќе кажува повеќе од зборовите.

lonely

Онаму каде што ќе употребите текст, трудете се сите реченици на слајдот да бидат горе-долу со иста должина. Во делот предвиден за белешки внесувајте ги вашите забелешки кои ќе ви помогнат за време на презентирањето. Исто така, од помош ќе ви биде доколку ги нумерирате слајдовите и им дадете наслов.

Кога станува збор за визуелните елементи, препорачливо е насловите на вашите слајдови да бидат со големина на фонтот од 28 до 34. Почетниот (главниот) наслов на презентацијата добро е да биде со големина 44. Изберете фонт кој ќе биде едноставен, вообичаен и лесен за читање, но, исто така, користете контрасти: светли букви на темна заднина или пак обратно. Не користете повеќе различни фонтови во истата презентација, бидејќи може да биде збунувачки.

confused1

Она што е важно за текстот на вашите слајдови е тоа дека треба да избегнувате цели и воопшто големи реченици. За таа цел, потрудете се да пишувате само клучни зборови. Најчестата грешка која многумина ја прават е користење премногу текст, па затоа запомнете: целта на презентацијата е да му даде тек на вашето зборување, да има улога на потсетник, да ја направи презентацијата поинтересна, но не и да биде главен центар на вниманието. Доколку публиката ја чита вашата презентација – тогаш не ви обрнува внимание вам. Потрудете се вашата порака да ја претставите со графикон или со слика. Не копирајте текст од различни извори, бидејќи никогаш не изгледа убаво кога вашата презентација е недоследна и несредена, со различни фонтови и форматирања на текстот.

Izvori2

Важно е при креирањето заднина на слајдовите таа никогаш да не одвлекува внимание од презентацијата. Честопати, користење на обичната, бела заднина може да ги умори очите на вашата публика, па затоа секогаш користете боја на заднина, контрастна на бојата на текстот што сте ја избрале. Имајте на ум дека боите при проектирање се појавуваат побледи (посветли) отколку што се. Можете да побарате на интернет некој интересен дизајн на заднина кој одговара на вашата тема.

На што треба да се внимава при презентирањето?

Вежбајте ја вашата презентација, со што ќе добиете слика колку време би ви било потребно за презентирање. Според тоа, подоцна ќе процените дали е доволно, малку или треба уште нешто да се додаде. Дополнително, ќе бидете посигурни ако ја имате извежбано презентацијата. Не е добро да се импровизира во секој момент.

Подранете! Така ќе имате време да ја поставите и да ја подготвите вашата презентација, да се погрижите да не дојде до какви било технички проблеми.

За да изгледате посамоуверено и посигурно, направете белешки со клучните зборови за секој слајд, како потсетник за сè што сакате да кажете следно. Прочитајте ја листата пред самиот почеток, но не трудете се да го меморирате текстот, бидејќи треба да имате на ум дека вашето говорење ќе биде различно секогаш кога ќе ја вежбате презентацијата. Истражете детално на темата што ја обработувате, затоа што така ќе бидете сигурни при говорот и ќе бидете спремни за прашањата што можат да ви ги постават.

Почетокот на презентацијата и почетните зборови се најбитни. Со почетокот никогаш не се импровизира, па затоа секогаш користете го веќе извежбаниот вовед.

potsetuvanje

Со воведот потрудете се да го привлечете вниманието на публиката и секогаш на почеток кажете ја поентата на вашата презентација и избрана тема.

Вашиот говор треба да биде природен. Зборувајте јасно и гласно, со доволно голема пауза помеѓу зборовите и речениците, а побитните информации повторете ги неколкупати. Правете паузи за време на кои вашата публика ќе има време да ги сумира податоците што ги споделувате со нив. Никогаш не читајте го текстот од вашите слајдови, за тоа нема потреба, бидејќи луѓето можат да го прочитаат во себе побрзо отколку вие на глас.

Говорот на вашето тело е многу важен и кажува многу за вашата самодоверба и сигурност. Затоа, гледајте ги в очи луѓето кои ја следат вашата презентација, движете се, и никогаш не стојте во место во текот на презентацијата.

presenter

Доколку условите дозволуваат, изгаснете ги светлата во просторијата. Додека зборувате, никогаш не вртете го грбот кон вашата публика! Не гледајте во своите белешки. Зборувајте! Не читајте!

Побарајте прашања од публиката, и таа нека биде вклучена во презентацијата. Така ќе бидат задоволни луѓето што ве следат.

Goce ArsovskiИзработување презентации во Power Point 2003
Совети за подобра презентација Доколку се подготвувате за важна презентација, која треба да биде добра, необична и да остави впечаток, тогаш треба добро да смислите како визуелно ќе го прикажете она што сакате да ѝ го пренесете на публиката. Дополнително, треба да бидете добро подготвени за самото презентирање,...