Целта на оваа иницијатива е да ја поддржи промената кон ниско-карбонска и ефикасна економија која паметно ги користи сите ресурси. Целта е нашиот економски раст да се одвои од користењето ресурси и енергија, да се намалат емисиите на CO2, да се зајакне конкурентноста и да се промовира поголема енергетска безбедност.

На ниво на ЕУ, Комисијата ќе работи на:

  • мобилизирање на финансиските инструменти на ЕУ (на пример, рурален развој, структурни фондови, рамковната програма за истражување и развој, транс-европските мрежи, ЕИБ) како дел од конзистентна стратегија за финансирање која на едно место ќе ги собере средствата на ЕУ, националните и приватните финансиски средства;
  • зајакнување на рамката за користење на инструментите базирани на пазарот (на пример, тргување со емисии, ревизија на енергетското оданочување, поттикнување поголема употреба на еколошки јавни набавки);
  • поднесување предлози за модернизација и де-карбонизација на транспортниот сектор, и преку тоа придонесување кон зголемена конкурентност. Ова може да се направи преку микс на мерки, на пример, инфраструктурни мерки како што е рана примена на мрежната инфраструктура за мобилност на електричната енергија, интелигентно управување со сообраќајот, подобра логистика, цели за намалување на емисиите на CO2 за друмски возила, во авијацијата и во поморските сектори, вклучително и лансирање на голема европска иницијатива за „зелени“ автомобили која ќе помогне во промоцијата на новите технологии, вклучително и електрични и хибридни автомобили, преку микс на истражувања, поставување заеднички стандарди и развој на потребната инфраструктурна поддршка;
  • забрзување на спроведувањето на стратегиски проекти со додадена европска вредност за да се решат критичните тесни грла, особено прекуграничните делови и интермодалните јазли (градови, пристаништа, логисточки платформи);
  • комплетирање на внатрешниот енергетски пазар и спроведување на стратегиски план за енергетска технологија, промовирањето на обновливите извори на енергија на единствениот пазар ќе биде еден од приоритетите;
  • поднесување иницијатива за унапредување на европските мрежи, вклучително и транс-европските енергетски мрежи, кон постигнување на европска супер-мрежа, „паметни мрежи“ и интерконекции, конкретно за внес на енергија од обновливи избори во мрежата (со поддршка од структурните фондови и ЕИБ). Ова подразбира и промоција на инфраструктурни проекти од големо стратегиско значење за ЕУ во Балтичкиот, Балканскиот, Медитеранскиот и Евроазискиот регион;
  • донесување и спроведување на ревидиран Акционен план за енергетска ефикасност и промоција на значајна програма за ефикасност на ресурсите (поддршка за МСП, и за домаќинствата) преку користење на структурните и другите фондови, со цел да се обезбедат нови финансии преку постојните успешни модели на иновативни инвестициски шеми; ова треба да промовира промена во шемите за потрошувачка и производство;
  • воспоставување на визија за структурните и технолошките промени потребни за до 2050 година да се постигне ниско-карбонска економија со ефикасно користење на ресурси и отпорна на климатските промени, што пак ќе и овозможи на ЕУ да ги постине сопствените цели за намалување на емисиите и за биодиверзитет; ова подразбира спречување и брза реакција во случај на катастрофи, искористување на придобивките од политиките за кохезија, земјоделство, рурален развој и поморство во решавање на климатските промени, особено преку мерки за приспособување што се базираат на поефикасно искористување на ресурсите, што за возврат ќе придонесе во подобрување на глобалната безбедност на храната.

На национално ниво, државите-членки треба:

  • постепено да ги елиминираат еколошки-штетните субвенции, а исклучоците од нив да ги ограничат само на луѓе со социјални потреби;
  • да ги применат инструментите базирани на пазарот, како што се фискалните поттици и набавки за приспособување на методите за производство и потрошувачка на енергија;
  • да развијат паметни, ажурирани и целосно интерконектирани транспортни и енергетски инфраструктури и целосно да ги искористат ИКТ;
  • да гарантираат координирано спроведување на инфраструктурните проекти во рамките на основната мрежа на ЕУ, коишто имаат суштински придонес во ефективноста на севкупниот транспортен систем во ЕУ;
  • да се фокусираат на урбаната димензија на транспортот каде се создава најголем дел од закрчениот сообраќај и емисии на штетни гасови;
  • да користат регулативи, развивање стандарди за перформанс и инструменти базирани на пазарот, како што се оданочување, субвенции и набавки со цел да се намали користењето на енергија и на ресурси, и да ги користат структурните фондови за инвестиции во енергетската ефикасност на јавните згради и во поефикасно рециклирање;
  • да ги направат привлечни инструментите за енергетски заштеди коишто можат да ја зголемат ефикасноста во енергетски-интензивните сектори, како што се оние базирани на користење на ИКТ.
adminУдарни иницијативи
Целта на оваа иницијатива е да ја поддржи промената кон ниско-карбонска и ефикасна економија која паметно ги користи сите ресурси. Целта е нашиот економски раст да се одвои од користењето ресурси и енергија, да се намалат емисиите на CO2, да се зајакне конкурентноста и да се промовира поголема енергетска...